Потпишан Договор за соработка

На 14 октомври 2019 година, во просториите на Факултетот, свечено беше потпишан Договор за соработка помеѓу Православниот теолошки факултет „Свети Климент Охридски“, придружна членка на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Католичкиот богословски факултет од Универзитетот во Загреб. Договорот за соработка го потпишаа деканите на двата факултета, проф. д-р. Ѓоко Ѓорѓевски и проф. д-р. Марио Цифрак, а на свеченото потпишување на Договорот присуствуваа и поглаварот на Македонската православна црква, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, ректорот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, д-р Киро Сотојанов, бискуп скопски и епископ струмичко-скопски од Католичката црква, заедно со продеканите на двата факултета: проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ и доскорешниот продекан проф. м-р Петко Златески, како и  продеканите од Католичкиот богословски факултет од Загреб, проф.  д-р Ружица Разум, продекан за настава, проф. д-р. Ненад Маловиќ, продекан за меѓународна соработка и доцент д-р Анто Баришиќ, продекан за организација и подрачни студии.

 

По потпишувањето на Договорот за соработка, деканите, архиепископот Стефан, ректорот Јанкуловски и бискупот Стојанов одржаа кратки пригодни говори во кои го изразија своето задоволство и радост за започнувањето на меѓуфакултетската соработка, со надеж дека таа ќе биде богата и плодна и од значаен придонес во унапредувањето на меѓусебните односи. Договорот предвидува соработка во форма на размена меѓу професорите и студентите на двата факултета.