РУСКИОТ ПАТРИЈАРХ КИРИЛ СО ПОРАКА: ДА СЕ УНАПРЕДАТ ОДНОСИТЕ МЕЃУ УНИВЕРЗИТЕТОТ „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ВО СКОПЈЕ И РУСКИТЕ БОГОСЛОВСКИ ИНСТИТУЦИИ

 

„Го поздравувам развојот на односите меѓу Универзитетот во Скопје со Духовната академија во Москва и Санкт Петербург. Нашата духовна академија сега се здобива и со државно признание, акредитација. Тоа во голема мера ќе ја олесни соработката со Државниот универзитет во Скопје“. – Ова го истакна Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г. Кирил, за време на средбата со Претседателот на Република Македонија, Н.Е. Ѓорге Иванов, во чија придружба беа и Неговото Преосвештенство, епископот хераклејски г. Климент, како и деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, што се одржа  спроти празникот на сесловенските учители и просветители, светите браќа Кирил и Методиј, на 23 мај 2017 година во Москва. Патријархот притоа го истакна високото ниво на односите со Република Македонија во областа на образованието, уште повеќе имајќи предвид дека неколку Македонци досега имаат студирано при просветните теолошки институции во Русија, каде веќе се здобиле со високо богословско образование (деталите за средбата се забележани на официјалната веб-страница на Московската патријаршија)

По завршувањето на средбата, во храмот посветен на Христос Спасителот, патријархот Кирил ја предводеше XVII церемонија на врачување на наградите „Патријарх Алексиј II“ од страна на Фондот за православно единство. Претседателот на Република Македонија, Н.Е. Ѓорге Иванов беше еден од добитниците на наградата „За потврда и промовирање на христијанските вредности во животот на општеството“ за 2016 година, награда која се доделува за истакната работа за зацврстување на единството на православните народи.

Во таа прилика претседателот Иванов истакна: „Ова престижно признание го примам како Претседател на Република Македонија, но и како православен христијанин кој е роден и израснат во возобновената Светиклиментова црква – Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во таа Црква, која се возобнови пред 50 години, е граден и изграден и нашиот светоглед… Таа Црква е жива и благодатна и без неа ниту јас ќе бев тоа што сум, ниту, пак, денес ќе бев тука со вас“. Рускиот патријарх Кирил, пак, во својот говор забележа: „Рускиот и македонскиот народ ги обединува заедничката историја, мисијата на светите Кирил и Методиј. Овде нашите предци првпат слушнаа богослужби на словенски јазик, беа воведени во духовната ризница на православната традиција. Верноста кон  исконските традиции на македонскиот народ и силната политичка волја му помогнаа на господинот претседател да ја заслужи довербата на сонародниците“.