Студенти од Православниот богословски факултет учествуваа на Третата Демирхисарска летна школа

Од 7 до 13 јули 2018 година се одржа Третата Демирхисарска летна школа. Демирхисарската летна школа како проект започна пред две години, а нејзина цел е истражување, афирмација и промоција на културното и духовното наследство во демирхисарско, со особен акцент на Слепченскиот манастирот „Свети Јован Претеча“. Третата Демирхисарка летна школа се реализира со цел продолжување на долгорочните планови и активности на локалната самоуправа на општина Демир Хисар, а со финансиска поддршка на Министерството за култура и Слепченскиот манастирот „Свети Јован Претеча“, како и со партнерство на: Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ, Православниот Богословски факултет, Архитектонскиот факултет, Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Археолошките факлутети при УКИМ и УГД и Институтот за Старословенска култура – Прилеп. Со тоа, на еден впечатлив начин се успеа да се прошират активностите околу промоцијата и доближувањето на културното наследство на Демир Хисар и демирхисарско. Оваа активност опфати повеќе сфери како што се археологијата, архитектурата, теологијата и уметноста, третирајќи повеќе сегменти од постарата и поновата историја на регионот.

Научен координатор на школата и оваа година беше проф. д-р Сашо Цветковски (Центар за истражување на културното наследство – МАНУ), а раководители на секциите беа: проф. д-р Елизабета Касапова (Архитектонски факултет), асс. м-р Виктор Недески (Православен богословски факултет) и м-р Орданче Петров (Институт за Старословенска култура – Прилеп). Освен раководителите на секциите, оваа година свои предавања одржаа и: академик Ѓорѓи Поп-Атанасов од МАНУ, м-р Гоце Ристески и м-р Гоце Секулоски. На школата беа активни повеќе секции, а учесниците поминаа прекрасна седмица во Демирхисарскиот регион. Од Православниот богословски факултет учество зедоа студентите Сашо Ванчоски и Благоја Петрески.

Втората Демирхисарска летна школа беше отворена на 07 јули во склоп на манастирската слава Раѓање на свети Јован Крстител – Иванден  во Слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“ со света божествена литургија. Со божествената литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар во сослужение на повеќе свештенослужители. Веднаш по литургијата се одржа пригодна традиционална културно – уметничка програма. На свеченоста присуствуваа голем број на гости и претставници на научниот, дипломатскиот, црковниот, јавниот, културниот и политичкиот живот. Свој говор на свеченоста одржа градоначалникот на општина Демир Хисар г. Марјанче Стојановски. На свеченоста говореше и проф. д-р Сашо Цветковски од Центарот за истражување на културното наследство при МАНУ. Тој говореше за значењето на Демирхисарската летна школа и научните придобивки кои се очекуваат да бидат постигнати во областа на археологијата, архитектурата, теологијата и уметноста. По повод празникот Иванден и отворањето на  школата, своја беседа пред присутните одржа и Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар. Манифестацијата заврши со свечен ручек, приреден од страна на сестринството на манастирот, по што следуваа слободни активности, сместување, запознавање со другите работни секции, консултирање на работната програма итн.

Првиот работен ден (8 јули) студентите од Теолошката секција го започнаа со предавањето на д-р Сашо Цветковски. Тој пред сите учесници вклучувајќи ги и учесниците од останатите секции изложи некои важни историски факти за Слепченската обител и Демирхисарскиот крај, а по него и проф. д-р Елизабета Касапова, како и асс. м-р Виктор Недески зборуваа за архитектурата на манастирот „Свети Јован Крстител“, но и за свети Кипријан Слепченски – новопрославениот светител од оваа обител. Во делот на предавањата, пак, теолошката секција започна со хагиографските теми. Така, на првото предавање на раководителот на теолошката секција на тема: „Видението на светиот цар Константин Велики“, беа анализирани историските и хагиографските извори за видението на овој император, како и научни интерпретации дадени до денес. На крајот од овој работен ден, координаторот на школата зборуваше на темата: „Слепченската резбарска школа и нејзините уметнички мотиви“.

Вториот работен ден (9 јули) секцијата Теологија го започна со предавањето на раководителот од оваа секција. Темата беше: „Мотивот за појавата на чудниот елен во житието на свети Евстатиј Плакида“. Попладнето теолошката секција се вклучи о активностите на секцијата Археологија во нивната истражувачка дејност, па се продолжи со првиот дел од предавањето „Пневматологијата во делата на свети Атанасиј Велики“ од асс. м-р Виктор Недески, при кое се разработија историските и богословските околности во кои настанале Трите посланија до Серапион епископ Тмуитски од свети Атанасиј Велики. Следните две предавања беа изложени од професорот м-р Гоце Секулоски и академик Ѓорѓи Поп-Атанасов, и тоа: м-р Гоце зборуваше за „Црковното пеење во мисијата и животот на светата православна Црква“  и академикот Ѓорѓи Поп-Атанасов за „Слепченска книжевна школа“, односно за најважните ракописи од Слепченската обител од XVI век.

Третиот ден (10 јули) започна со циклусот предавања „Тератоморфните суштества во библиската и хагиографската традиција“, со прво предавање на тема:  „Левијатанот во Стариот завет“. Асс. м-р Виктор Недески зборуваше за појавата на ова тератоморфно суштество во списите и уметноста на повеќе цивилизации од Блискиот исток. Потоа следеше дружба со учесниците од секцијата Археологија и запознавање со нивните досегашни истражувања во дворот на манастирот Свети Јован Претеча во Слепче. На крај асс. м-р Несески го одржа второто предавање од циклусот предавања „Пневматологија во делата на свети Атанасиј Велики“ при што беше посветено посебно внимание на содржината и теологијата на посланијата до Серапион Тмуитски.

Четвртиот ден (11 јули) теолошката секција оствари теренска работа низ кичевските и демирхисарските села. Посетени беа селата Белица, Прострање, Велмевци, Железнец и Доленци (Демирхисарско). Во с. Белица беше направен увид во храмовите „Свети Ѓорѓи Победоносец“ и „Свети маченик Александар“ каде што се разговараше со мештаните на селото за храмот „Свети Александар“ кој е единствен храм посветен на овој светител во Македонија и тесно се поврзува со неговото мачеништво. Беа откриени рекогносцирани од постар средновековен, кој претстои да биде истражен. Во храмот „Св. Ѓорѓи“ беа идентификувани икони од познатиот великан на преродбата Дичо Зограф. Во с. Прострање бeа посетени храмовите „Света Петка“, „Свети Атанасиј“ и „Свети Никола“, во кои беа идентификувани повеќе до сега непознати икони од XIX век. Во селото Велмевци беше посетен храмот „Свети Илија“ каде  беа идентификувани фрески и икони од ученикот на Дичо, зографот Серафим од Тресонче. Во селото Железнец нашите истражувања временски се поклопија со секциите Архитектура и Дизајн за мебел и ентериер. Таму беше посетен храмот „Свети Никола“. Следно беше посетена црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Доленци. Вечерта, градоначалникот на Демир Хисар г. Марјанче Стојановски им ги додели дипломите и благодарниците на сите учесници на оваа Трета Демирхисарска летна школа.

Во петтиот празничен ден (12 јули) посветен на светите апостоли Петар и Павле, секцијата Теологија присуствуваше на Божествената Литургија која беше отслужена од еромонахот Серафим. По завршувањето на истата учесникот од оваа секција Сашо Ванчоски одржа предавање на тема: „Еколошката криза и нејзиното надминување низ призмата на Православната теолошка мисија“. Потоа асс. м-р Виктор Недески започна со циклусот предавања „Охридските архиепископи и латинскиот запад од XI до XIII век“, а првото предавање беше посветено на архиепископот Лав I. По предавањето, теолозите се вклучи во активностите на археолозите, а по ручекот, раководителот на секцијата Тологија го одржа второто предавање од истиот циклус, посветено на архиепископ Теофилакт Охридски. Двете предавања, на кои присуствуваше и о. Серафим со Слепченското сестринство, поттикнаа бројни прашања и дискусии. Вечерта помина во дружење со останатите секции.

Шестиот и последен ден (13 јули), учесниците на секцијата Теологија присуствуваа на последното предавање на проф. м-р Виктор Недески од циклусот „Охридските архиепископи и латинскиот запад од XI до XIII век“, кое беше посветено на архиепископот Димитриј Хоматијан и неговите погледи кон тековните богословски проблеми од неговата епоха. На предавањето присуствуваа и Слепченското сестринство со еромонах Серафим и повторно беа поставени бројни прашања, од кои произлегоа плодни дискусии и конструктивни предлози за проекти кои треба да се реализираат во иднина.

Теолошката секција е особено задоволна од постигнатото на оваа Трета Демирхисарска летна школа, како од презентираните нови содржини на предавањата, така и од новите откритија и рекогносцирања при теренските истражувања, помеѓу кои би го издвоиле откривањето на остатоците од постар средновековен храм посветен на свети маченик Александар во с. Белица, кој во иднина треба да биде подетално и посеопфатно истражен, што би дало особен научен придонес во повеќе области, а особено во областа на Агиологијата. На крајот им се заблагодаруваме на организаторите на оваа Трета Демирхисарска летна школа, како и на сите кои зедоа учество во овој настан. Веруваме дека овие денови ќе останат запишани во меморијата на сите учесници, кои ќе си заминат со убави спомени.