СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД ЧЕТИРИЕСЕТГОДИШНОТО ПОСТОЕЊЕ НА БОГОСЛОВСКИОТ ФАКУЛТЕТ

На 6 декември 2017 година на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје се одржа свечена академија по повод 40-годишнината од неговото основање. На академијата се обрати Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, кој меѓу другото истакна:

„Јас верувам дека институција што издржа четири децении и која се потврди како незаменлив фактор во образувањето и образованието за потребните кадри во МПЦ ќе продолжи да биде тоа и за што истата е основана. … Ме охрабрува ентузијазмот што го исполнува овој подмладен состав на Наставничкиот колегиум, и секако, интересот на студентите за повеќе знаење… Овде се подготвуваат кадри, без разлика во која служба ќе бидат повикани, тие треба секогаш да бидат подготвени да одговорат за Бога и човекот, како и на прашањата за светот и животот, за доаѓањето и заминувањето од овој свет, и секако за целта и смислата на животот… Драги студенти, ползувајте го времето предвидено за студии и изградувајте се во личности потребни на ова време, и за Црквата и за луѓето. Никогаш не е доволно ни вера ни знаење. Верата се пренесува не само со зборови, туку и со пример и со дела, а знаењето никогаш не завршува, науката е неисцрпно море…“
За дадениот исклучителен придонес и постојаната поддршка на Факултетот Православниот богословски факултет им додели благодарници на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, претставник од САС на МПЦ во ННС и на проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

На 7 декември 2017 година Богословски факултет организирше научен собир по повод 40 години од основањето на Факултетот и 50 години од возобновувањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на темата: Преданието и мисија.